Диме Спасов поднесе кривична: Не бил пијан, бегал од група албанци кои го нападнале?!

Не прекинуваат скандалите со однесувањето на дополнителниот заменик-министер во труд и социјала, Диме Спасов. Откако вчера Министерството за внатрешни работи соопшти дека Спасов предизвикал не една, туку две сообраќајки низ Скопје и избегал од местото, по што бил прогонуван од алфите, во јавноста вчера се појави и третата верзија дека група на насилници-албанци го нападнале Диме Спасов и тој бегајќи направил општ хаос низ Скопје.

Имено, според третата верзија на Спасов, група на лица од скопска серава синоќа го бркале и го нападнале, а во текот на вчерашниот ден по распитот тој им поднел и кривични пријави. Со овие кривични пријави поднесени од Спасов, заменик-министерот дава нова верзија за синоќешната сообраќајна несреќа што ја предизвикал во скопската населба Тафталиџе.

Откако досега прво избега, а потоа го прати личниот шофер да лаже дека всушност тој го возел Туарегот на Агенцијата за вработување, најновата верзија и кривичната пријава обелоденува дека Спасов бегал од Албанци со дебело полициско досие. Спасов, заедно со сопатничка, околу полноќ бегал од, како што рекол, насилниците што сакале да го нападнат поранешниот министер за труд и социјална политика, а сега заменик министер во тоа министерство. Но, потоа откако бил сопрен од полицијата пак избегал бидејќи не им верувал на полицајците.

Од ова може да заклучиме дека Диме Спасов е навистина одличен атлетичар, дури три пати успеал да избега без да биде фатен, а последниот пат добил прилика да ги покаже и своите спринтерски способности бегајќи од патролата која го пресретнала. Дополнително тој, наводно, бил бркан од Даут Динарица и Омер Аџами, кои како дел од криминалната група на Етем Абаз имале некои нерасчистени сметки со заменик-министерот, произлегува од пријавата.

„Во целиот случај МВР под раководство на Спасовски има направено сериозни пропусти и овој случај беше злоупотребен од страна на СДСМ, водејќи валкана и приземна политичка кампања против Спасов“, пишуваат медиумите блиски до власта.

Наместо одговорност и оставка, дополнителниот-заменик министер на јавноста и претстави трета верзија на настаните, откако претходната дека не возел тој му пропадна бидејќи полицијата имала спротивни сознанија. Сега, тој се обидува да се прикаже како жртва, а последното бегство го реализира од полициската станица во Карпош, каде беше на распит, избегнувајќи соочување со новинарите.

Колку за потсетување, Законот за ваквите случаи предвидува парична или затворска казна до три години, а според Уставот сите граѓани се еднакви пред Законите. Останува да причекаме да видиме што ќе донесе денешниот ден и дали можеби ќе имаме прилика да погледнеме уште една епизода од шпанската серија „Рашомунијада“ во која главна улога е Диме Спасов.


КОМЕНТАР на Никола Станков

Написите и ставовите во рубриките Мисла, Колумна, Став, Коментар и Интервју не се официјални ставови на проектот „Национална ТВ“.

loading...
baner