Груевски со нов проект за изградба и обнова на 140 градинки до 2020(ВИДЕО)

Лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска најави нов проект за изградба на 140 државни детски градинки, од кои 100 ќе бидат комплетно нови. Проектот според проекциите ќе чини околу 25 милиони евра, а ќе ги опфаќа децата и нивниот воспитно-образовен процес. Посочувајќи ја важнсота од постоење на повеќе капацитети кои ќе овозможат добра и квалитетна услуга во тие образовни објекти.

Пристапноста до градинки честопати има влијание и при носењето на одлуката на родителите околу проширувањето на нивното семејство, и особено родители кои работат а немаат друга алтернатива за чување на децата, се многу зависни од можноста за испраќање на детето во градинка. На тој начин градинките имаат и влијание на наталитетот, односно демографијата во државата – изјави денеска на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски

Груевски нагласи мдека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ изминативе години целосно се посветила на потребата од зголемување на капацитетите за згрижување на деца од предучилишна возраст односно отворање на нови детски градинки.

Потребата од повеќе градинки е првиот индикатор дека имаме одреден успех во напорите за раст на наталитетот, иако сме свесни дека треба многу повеќе за да дојде до позабележителни резултати на долг рок – рече Груевски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ сподели неколку бројки и статистики, за кои како што рече, охрабруваат. Посочувајќи дека Македонија е единствената земја во јужниот дел на Европа која има РАСТ во бројот на родените во периодот од 2005 до 2015 година.

Тој нагласи дека потребата од нови градинки оди и заедно со намалување на невработеноста, и се повеќе семејства каде и двата родитела имаат работа, работно време имаат и потреба детето да го однесат во градинка. Што се однесува до капацитетот на градинките, овој недостаток е и резултат на децениската запоставеност во изградбата на градинките.

Со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ се придвижија работите. Почнаа да се градат градинки, да се пренаменуваат условите и опремуваат расположливите капацитети, се градат и енергетски ефикасни објекти – рече Груевски.

Тој посочи дека во последните 7 години отворени се 13 јавни општински установи-детски градинки, 17 објекти и 22 групи во други просторни услови кои работат како градинки и ја имаат истата функција, или севкупно се отворија 52 градинки.

Само во оваа тековна 2016та година имаме отворено 9 нови градинки, а до крајот на годината ќе бидат отворени уште 6 или вкупно околу 15 со што само во 2016 година капацитетот ќе биде зголемен за нови околу 1 320 места – рече Груевски.

Дополнително, нагласи тој, за прв пат се развива и приватната иницијатива, односно се помага и поттикнува отворањето на приватни градинки.

Почнувајќи од 2016 година преку Агенцијата за вработување отпочнавме со нова мерка-доделување неповратни средства грантови за набавка на основни средства и опрема за физички и правни лица, кои ќе сакаат да отворат приватни установи за деца-детски градинки во висина од 600.000 денари, односно гранд од 10 илјади евра за секој кој ќе отвори приватна детска градинка. Планираме наскоро да поттикнеме отворање на најмалку нови 10 приватни градинки и треба да се отворат нови најмалку 50 работни места и да се создадат околу 500 нови места за згрижување на деца од предучилишна возраст – рече Груевски.

Тој потенцираше дека сето ова е одлична работа, но потребно е многу повеќе. Потребно е надополнување на она што со децении е пропуштено. Потребно е растеретување на капацитетите со нови градинки и одговор на реалните потреби.

Новиот проект предвидува изградба на најмалку 140 државни детски градинки, од кој 100 комплетно нови градби, и 40 детски градинки кои ќе се отворат во постоечки а не искористени државни објекти од како претходно ќе се инвестира во нивно реновирање и адаптирање.

Изградбата на 100 комплетно нови, или со економска терминологија гринд филд градинки, предвидува изградба на целосно нови објекти, од темел па се до финиширање на објектот, и се она што е потребно за почеток на работа, вклучувајки го мебелот и опремата – рече Груевски.


Како се дојде до овој проект?

За да дојдат до овој проект, нагласи Груевски, претходно направиле анализа. Во анализата бил земен бројот на родени деца во период 2010-2015 година, бројот на деца запишани во детските градинки и бројот на деца кои се на листа на чекање.

-Согласно анализата, планирана е изградба и опремување на 100 градинки со различен опфат со што капацитетот за згрижување на деца од предучилишно образование би се зголемил за околу 15.000 деца на државно ниво. Значи со овие 100 нови градинки ќе овозможиме места за 15 илјади деца во градинките, рече Груевски.

Проектот според проекциите ќе чини околу 25 милиони евра. За таа цел ќе се искористат и поволни финансиски инструменти кои стојат на располагање на меѓународни финансиски институции кои подржуваат вакви проекти, со кои веќе извршивме прелиминарни консултации, и постои расположение од нивна страна да го подржат овој проект, рече Груевски.

Проектот ќе опфати 4 модели на градинки: Тип 1, градинки кои би биле со капацитет до 50 деца за што ќе се инвестираат околу 150 илјади евра;Тип Б со капацитет од 100 или 120 деца за чија изградба ќе се инвестираат околу 200 илјади евра; Тип Ц со капацитет од 200 до 220 деца, за чија изградба ќе се инвестираат околу 300 илјади евра, и тип Д со капацитет од 300 до 350 деца за чија изградба ќе се инвестираат околу 400 илјади евра.

Откако ќе бидат обезбедени средствата, ќе се пристапи кон изработка на идејни решенија, разработка на типски проекти, тендерирање, по што ќе биде избран и изведувачот. Ова ќе биде и значаен инпут за градежништвото во Македонија, за градежните компании кои ќе учествуваат во изградбата на овие нови градинки, рече Груевски.

Планот е за 2017 година и секоја следна година да продолжи со отворање на околу 10 детски градинки на годишно ниво особено во општините каде капацитетите се целосно исполнети и листите на чекање се големи или пак воопшто нема градинка.

Во реализацијата на овој проект ќе бидат земени позитивните искуства од градежништвото и ќе се следат најсовремените стандарди и услови за ваков тип на објекти. Исто така, нагласи Груевски, доколку постојат и позитивни искуства од стручната јавност ќе бидат инкорпорирани во овој проект.

loading...
baner