Клинтон длабоко вознемирена од најавите за нова истрага од ФБИ

Претседателскиот кандидат од редовите на демократите, Хилари Клинтон, во саботата упати остри тонови кон шефот на Федералното истражно биро (ФБИ), опишувајќи ги неговите активности од претходниот ден како „длабоко вознемирувачки“.

Првиот човек на ФБИ, Џејмс Коми, во петокот се обрати со писмо до пратениците, во кое наведува дека Бирото „дошло до сознанија за постоењето на електронски пораки кои се чини дека се важни за истрагата“ во врска со употребата на приватниот сервер на Клинтон за време на нејзиниот мандат како државен секретар.

Јас се согласив дека ФБИ треба да преземе соодветни истражни чекори кои би требало да им овозможат на иследниците да ги прегледаат тие електронски пораки за да утврдат дали тие содржат доверливи информации, како и да го проценат нивното значење за нашата истрага – посочи Коми во писмото.

Сепак, високиот претставник за спроведување на законот не наведе детали за електронските пораки и дали тие претходно биле разгледани во тековната истрага за приватните сервери на Клинтон.

Прилично е чудно да се изнесе нешто такво со толку малку информации, токму пред изборите“, им порача Клинтон на приврзаниците на митингот во државата Флорида. „Тоа не е само чудно, тоа е невидено и е длабоко вознемирувачки, бидејќи гласачите заслужуваат да добијат целосни и комплетни факти – додаде таа.

Демократската претседателска кандидатка го повика Коми „се’ да изнесе на маса“ со разјаснување на информациите во врска со новооткриените електронски пораки, и потврдување дали тие се дупликати кои веќе биле прегледани од федералното тело за спроведување на законот.

Американскиот весник „Њујорк тајмс“ објави дека електронските пораки не биле испратени или примени од страна на Клинтон, повикувајќи се на официјални лица блиски до истрагата.

Електронските пораки беа откриени во текот на посебна истрага на поранешниот конгресмен Ентони Вајнер, разделениот сопруг на главната помошничка на Клинтон, Хјума Абедин, јавија извори за „Њујорк тајмс“.

Во меѓувреме, републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп го пофали најновиот развој на настаните во истрагата за електронските пораки на Клинтон, тврдејќи дека тоа докажува дека нејзе не може да и’ се довери претседателството.

Нејзиното кривично дело беше намерно, промислено, со намера и смислено. Хилари постави нелегален сервер со очигледна цел за заштита на нејзините незаконски постапки од јавно објавување и изложеност – изјави Трамп.

И покрај тврдењето на Трамп, ФБИ не препорача кривично гонење во јули, кога Коми ги објави резултатите од истрагата на Бирото.

Сепак, Трамп во петокот ја опиша употребата на приватниот сервер на Клинтон додека таа беше државен секретар „најголем скандал од Вотергејт“.


ДОЈЧЕ ВЕЛЕ

loading...
baner