СДСМ денеска на конгрес ќе одлучува како понатаму

Хотелот „Александар Палас“ денеска ќе биде местото каде ќе се одржува 20-тиот партиски конгрес на опозициската СДСМ, а на кој ќе се бараат конкретни решенија за излез од предолгата криза во која западна земјата. Конгресот ќе биде тематски и ќе се однесува на утврдување на програмата за изборите и истиот ќе биде поделен во два дела, ќе се решава за структурата на новата коалиција што треба да ја победи актуелната владејачка гарнитура на претстојните избори на 11 декември, а ќе се дискутира и за партиската програма и приоритетите на идната влада во првите шест месеци.

Според гласините во јавноста, СДСМ на претстојните избори ќе настапи заеднички со досегашните свои коалициски партнери позиционирани во политичките левица и центар и од партии на помалите етнички заедници, проширени најверојатно со ДОМ, ЛДП, НСДП и Позитивна Македонија, но и со граѓански организации и поединци од јавниот живот.

Ќе биде ли Левица дел од коалицијата останува неизвесно и по двочасовната средба меѓу претставниците на партијата и потесното раководство на СДСМ, на која се разговарало за евентуалното коалирање, за што новоформираната партија ќе треба да донесе дефинитивна одлука во наредните десетина дена.

Се чини дека ќе постои и уште еден опозициски блок, кадео останатите опозициски настроени партии со десна идеологија ќе настапат посебно, а тука се вбројува и партијата Обединети за Македонија, единствената десничарски ориентирана партија која остана во овој фронт откако оттаму излегоа ВМРО-НП и Достоинство, по локалните избори во 2013 година и по смената на кормилото на СДСМ.

Љупчо Георгиевски од ВМРО-НП изјави дека во најблиска соработка биле со партиите од десниот блок, дека контактираат и со СДСМ, но дека имал чувство дека социјалдемократите се откажале од идејата за голема коалиција. Заев во скорешна изјава објасни дека барањата на граѓанскиот сектор во голема мера ќе се земат предвид и ќе се имплементираат.

На Конгресот се поканети претставници на партиите од опозициската коалиција, а најверојатно ќе присуствуваат и претставници од граѓанските организации. Последниот програмски конгрес на СДСМ беше лани во декември.

loading...
baner