Што има во изборниот „План за Македонија“ на СДСМ?

Опозициската СДСМ вчера го одржа дваесеттиот по ред тематски конгрес, каде во три часа под мотото „План за Македонија“ беше претставена програмата за дејствување на партијата доколку тие ја формираат идната влада. Вториот, затворен, дел на конгресот, делегатите дискутирале околу настапоте и коалициите кои треба да се создадат пред настапот на изборите закажани за 11-ти декември, а и обединување во фронт против партијата на Груевски.

Лидерот на Социјалдемократите, Зоран Заев, на конгресот пристигна во придружба на екс-лидерот Бранко Црвенковски кој беше дочекан со огромни овации и воодушевување кај присутните. Од вкупно 728 делегати присуството изнесуваше 539, а свечениот дел беше проследен од бројни гости и претставници од сестринските партии. На конгресот стана збор за проблемите од секојдневниот живот, искажани преку маките на студент, вработен во државна администрација, земјоделец, текстилна работничка и пензионер.

Заев, своето обраќање пред делегатите и гостите го започна со изјавата дека новиот план не е мртво слово на хартија, туку е дело на проблемите на вистински луѓе со кои тие разговарале. Тој најави нов начин на функционирање на партијата преку отвореност и отчетност. Партијата ги отвора вратите на своите штабови за сите граѓани, а ќе појдат и кај оние коишто се’ уште се плашат за да ги чујат и нивните проблеми.

Според него, на 11-ти декември нема да се слави победа на СДСМ туку победа на животот.

Што ќе славиме на 11 декември? Пад на режимот? Тој е веќе паднат, ние граѓаните го турнавме. Победа на СДСМ и опозицијата? Нам не ни треба победа заради самата победа и хранење на егото, или заради власт. Драги граѓани, на 11 декември ќе го славиме животот – посочи првиот опозиционер.

Заев најавува достоинствен живот, спроед него СДСМ ќе се заложи најниската плата да биде зголемена на 12.000 денари, а до крајот на мандатот да достигне до 16.000 денари. Тој претстави и мерки од претстојната програма на СДСМ ипорача дека ќе се помага на домашните бизнисмени, малите и средните претпријатија, а неговата партија ќе ја подобрува и инфраструктурата, ќе градат водоводи и патишта, бидејќи сегашната власт оставила пустош.

Радмила Шекеринска зборуваше за образованието, преиспитување на наставните програми, поголемо достоинство за наставниците, како и за укинување на екстерното, не „затоа што е тешко, туку не дава никакви резултати“.

Ако ги отворите учебниците во Македонија, изгледа како пелин да ставале, за да им се згорчи образованието – рече Шекеринска и најави зголемување на платите на наставниците и професорите, подобрување на условите за студентите во домовите, нема да има монопол во студентското организирање и нема да се дозволи тепање на студенти во библиотеки.

Оливер Спасовки кој е технички министер во МВР и генерален секретар на партијата, зборуваше за планираните реформи во правосудната сфера, во која нема да има место за „тефтер судии“, туку за судии за кои ќе важи правдата за сите граѓани без разлика на етничка и верска припадност.

СДСМ планира да ги намали судските такси, да воведе бесплатна правна помош за одредена категорија на граѓани, за трансформирање на Специјалното јавно обвинителство во Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, реформа на УБК, полициски омбудсман, како и деполитизација на полицијата. Најави и отпуштања од МВР на сите „вагабонти за кои зборуваше поранешната министерка Јанкуловска во „бомбите“.

loading...
baner