Жерновски најавува нов проект “Општина Центар – општина на светлината” (ВИДЕО)

Градоначалникот и советниците на општина Центар, на денешната прес конференција најавија амбициозен проект за модернизација на системот на јавно осветлување преку воведување ЛЕД технологија на улично осветлување, со современи техники на управување и надзор.

Според нив, граѓаните на Центар ќе добијат безбедност, економичност, автоматски систем за регулација и детекција на дефектите, отстранување на нелегалните осветлувања, усмерена светлина, која нема да пречи на станарите од пониските спратови и заштита на животната средина.

Живиот и динамичен сообраќај во срцето на градот носи и свои предизвици. Еден од проблемите со кои континуирано се соочуваме е соодветното осветлување на јавните површини. За жал, со сегашната состојба на системот за јавно осветлување, не бевме во можност да создадеме услови какви што заслужуваат нашите граѓани. Застaрените системи, недоволната застапеност на канделабри и старите светилки претставуваа голем проблем за општина Центар
Токму затоа, донесовме одлука за модернизирање на системот за јавно осветлување. Воведуваме ЛЕД технологија на улично осветлување, со современи техники на управување и надзор – вели Жерновски.

Општина Центар ќе се посвети во неколку точки на овој проект, меѓу кои и целосна осветленост на јавни објекти, училишта, градинки, игралишта. Заштеда од 60 до 80% за трошоци на електрична енергија и одржување. Додека, целокупниот проект е проценет на 2,081,000 ЕУР, а заштедата од замената е проценета на 3,850,000 ЕУР.

Ова значи дека модернизацијата на опремата за осветлување ќе донесе заштеда од 1,769,000 ЕУР во следните 16 години колку што е вечноста на светилките. Секоја година општината ќе штеди минимум 250.000 евра.

Новиот систем ќе овозможи автоматска регулација и детекција на дефекти и можност за управување со интензитетот на светлина во зависност од периодот на денот односно ноќта. Системот ќе алармира за сите настани дефекти, што значи дека граѓаните ќе нема потреба да ги пријавуваат дефектите, а ситите ќе бидат отстранувани во најкус рок.

ЛЕД технологијата не само што ќе ни овозможи заштеда и подобар квалитет на осветлување, туку и ќе ја заштити животната средина, преку употребата на природни материјали и намалување на светлосното загадување. Се надеваме дека со овој проект ќе придонесеме за севкупно подобар квалитет на живот на граѓаните на општина Центар и на нејзините секојдневни посетители – додаде Жерновски.

Општина Центар ќе ги лови и крадците на струја за кои било откриено дека бројните нелегални поврзувања на мрежата на општината освен приватни лица, биле и од поголеми комерцијални субјекти кои трошеле енергија за која плаќале граѓаните на општината. Со поставување на новиот систем, сите овие незаконски поврзани субјекти ќе бидат исклучени и дополнително ќе се штеди.

Центарци мирно ќе спијат преку новиот систем за усмерена светлина која нема да смета на станарите од пониските спратови на зградите. Имено, новите светла прецизно може да се насочат кон улиците, без притоа да светат во широк дијапазон на прозорците од зградите. Исто така, новите светла имаат неколку пати поширок лак под кој ја фрлаат светлината. Така, на веќе постоечките канделабри со замената ќе се добие неколку пати посилно и пошироко осветлување, но насочено онаму каде што е потребно.

loading...
baner